Над 120 инспектори од Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) извршуваат надзор низ целата држава за почитување на одлуката за ограничување на профитните маржи на основните прехранбени производи.
Распределени во повеќе од 40 тимови и ротирајќи се низ различни градови, инспекторите од вчера проверуваат големите маркети на територијата на државата, а според најавите на директорот на ДПИ, Горан Трајковски, од денес ќе започнат со проверки на малите маркети и бурекџилниците, а од утре и на трговците на големо. Тие ќе утврдат и дали имало намерно зголемување на цените на производите во претходниот период.
Владата на вонредна седница на 20 септември ја ограничи бруто профитната маржа до 10 отсто за повеќе основни прехранбени производи во трговијата на големо и мало, меѓу кои леб, пекарски и млечни производи, млеко, месо и преработки од месо, дел од конзервните производи, овошје, зеленчук.
Досега нема казнети маркети, а казните се високи и се движат од 2.000 до 10.000 евра, и доколку се утврди дека некој применува нечесни трговски практики согласно Законот за потрошувачи има можност и за затворање на објекти.