Иако бројките за новоотворени компании во првиот квартал од 2025 година се солидни – 1.940 нови фирми, истовремено речиси 1.000 бизниси го прекинале своето работење. Според податоците од Централниот регистар, секторите кои најмногу биле погодени се трговијата, преработувачката индустрија, техничките услуги и градежништвото.
Значајно е што слични бројки имало и минатата година, што укажува на стабилен, но не и драматичен тренд на промени. Најмал удар претрпел финансискиот сектор, каде згаснале само шест фирми.
Иако некои дејности се соочиле со затворање на дел од компаниите, истите сектори покажуваат и прилив на нови играчи на пазарот. Исклучок е рударството, каде не само што се отвориле малку фирми, туку е забележан и пад на производството од 4,4% според Државниот завод за статистика.
Во споредба со периодот на ковид и енергетската криза, сегашните податоци изгледаат подобро – во првите три месеци од 2022 година згаснаа речиси 4.000 фирми.