Премиерот Христијан Мицкоски денеска од Меморијалниот центар АСНОМ во Пелинце, по повод 2 Август – Денот на Републиката, порача дека Илинден не е само историски датум, туку завет, карактер и симбол на непокорноста на македонскиот народ.
Во своето обраќање тој истакна дека слободата не започнува на границите на државата, туку во срцето на народот, нагласувајќи дека токму затоа двата Илиндена – Илинденското востание и Првото заседание на АСНОМ – претставуваат една историска целина и темел на современата македонска државност.
Мицкоски потсети дека во Крушево се родила идејата за слободна Македонија, додека на АСНОМ таа добила своја државотворна форма. Според него, Никола Карев и Методија Андонов-Ченто се меѓу најзначајните личности што ги предводеле овие историски процеси, а делегатите на АСНОМ свесно го поврзале државотворниот акт од 1944 година со идеалите на Илинденското востание од 1903 година.
Премиерот нагласи дека документите усвоени на АСНОМ, меѓу кои и Декларацијата за основните права на граѓаните, ги поставиле темелите на демократските вредности во македонската држава, гарантирајќи права како слободата на говор, правото на национална припадност, вероисповед, приватна сопственост и избирачко право, вклучително и за жените.
Во говорот тој истакна и дека антифашизмот останува трајна определба на Македонија, додавајќи дека македонското народноослободително движење со сопствени сили ја ослободило земјата за време на Втората светска војна, потврдувајќи го, како што рече, самостојниот и автохтон карактер на македонската државност.
„Слободата на Македонија не ја донесе никој однадвор. Македонскиот народ и сите националности сами се изборија за својата држава и ги остварија вековните идеали на илинденците, партизаните и сите борци за слобода“, порача Мицкоски во обраќањето во Пелинце.





















