Финансиските друштва ќе треба да им вратат над 140 милиони денари на повеќе од 26.000 граѓани, откако Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) при вонредни контроли во изминатите три месеци утврдил незаконска наплата и нечесни трговски практики кај дел од сите 27 лиценцирани друштва за потрошувачки кредити, соопштија денеска од инспекторатот.
Според соопштението од ДПИ, во надзорите спроведени согласно Законот за заштита на потрошувачите, кај 18 финансиски друштва се утврдени нечесни трговски практики и одредби во договорите, за што се издадени прекршочни платни налози од над 3,5 милиони денари, додека кај 12 друштва е констатирана незаконска наплата за известувања и опомени при доцнење или неплаќање на ратите.
Од ДПИ информираат дека се донесени решенија со рокови од 30 до 90 дена за враќање на парите на корисниците, за неправилностите во сметководството кај две друштва е известено Министерството за финансии, а засилените контроли ќе продолжат и во наредниот период со апел до граѓаните внимателно да ги проверуваат условите пред да склучат договор за кредит.























