Жителите на Куклиш добија нов простор за спортување, рекреација и организирање спортски активности. Во ова населено место е реализиран проект за изградба на современо спортско игралиште, со што се збогатува спортската инфраструктура во Општина Струмица.
За изградба на армирано-бетонската подлога, Општина Струмица преку Секторот за урбанизам издвои над 1.650.000 денари, додека проектот е реализиран во партнерство со „Државна лотарија на Македонија“ и „Казинос Австрија“.
Игралиштето, кое зафаќа површина од околу 950 квадратни метри, е одговор на долгогодишните барања на локалното население за обезбедување соодветни услови за спорт и рекреација.
Градоначалникот на Општина Струмица изрази благодарност до партнерите вклучени во реализацијата на проектот, посочувајќи дека новите спортски содржини се наменети за сите генерации.
Со изградбата на игралиштата во Банско и Куклиш, двете најголеми населени места во Општина Струмица добиваат подобри услови за практикување спортски активности и квалитетно исполнување на слободното време.























