Новиот озонатор за Филтер-станицата во Струмица е целосно изработен и подготвен за испорака, со што се отвора патот за модернизација на системот за пречистување на водата за пиење.
Технички тим на ЈПКД „Комуналец“ – Струмица, предводен од директорот Кире Синдраковски, изврши приемен преглед на новата опрема во фабриката на групацијата „Xylem“ во Германија, производител на озонаторите од марката „Wedeco“.
Во соработка со стручните лица на производителот, извршена е проверка на опремата пред нејзината испорака, што претставува стандардна постапка кај ваквите технолошки системи.
Новиот озонатор ќе ја замени постојната опрема, која е во употреба уште од 1999 година, а со неговото ставање во функција се очекува поефикасно пречистување на водата за пиење и намалување на потрошувачката на електрична енергија.
Проектот е финансиран од Општина Струмица и претставува значаен чекор кон модернизација на водоснабдителната инфраструктура.
Во следниот период се очекуваат испораката и монтажата на новиот озонатор во Филтер-станицата во Струмица.
























