Во организација на Здружението за култура Транзен, на 21 декември во Театарот Антон Панов, Сцена 112 ќе се одржи премиера на монодрамата Кротка, според новела на Фјодор М. Достоевски.
Новелата „Кротка“ е едно од подоцнежните дела на Достоевски. Таа е напишана според вистински настан за кој Достоевски дознал од петербуршките весници – самоубиството на млада, сиромашна девојка, која скокнала од прозорецот, држејќи ја семејната икона во рацете.
Во новелата, Достоевски ја слика бурната драма на судирот меѓу две личности, меѓу два пола, меѓу две генерации. Новелата го покажува мајсторството на Достоевски во длабинското продирање во човековата психа, како да го снима процесот на мислење и функционирањето на психичките механизми.
Во резимето за монодрамата ,,Кротка” режисерот Дејан Ангелов ќе запише:
– Кој е виновен за нејзината смрт ? Јас или таа? Се ли е дозволено? Се прашува нашиот херој. Тврдоглаво се фрла во црната дупка на апсолутната слобода, на злото, на самоспознанието. Ги истражуваат сопствените сили до крајни предели.
Не монашка аскеза и студенило, туку огнено крштевање на Човекобогот во сопствените страсти, во вртлогот на животот, директно спознавање на злото.
“А можеби човек не ја сака само благосостојбата? Можеби исто толку го сака и страдањето? Страдањето – па нели тоа е единствената причина за сознанието? “ – се прашува антихеројот од “Записите од подземјето”. Прозорецот е отворен, a од него влегува светлина. Раката е подадена од спасителот, прашањето е – дали ќе може лихварот да се победи самиот себе и да ја спаси сопствената душа?”
Драматизацијата на текстот и режијата е на Дејан Ангелов, главната улога ја игра актерот Стојан Велков Трн, а музиката и музичкиот перформанс во претставата е на Ставре Ангелаков.
Сценографијата и дизајнот се на ликовниот уметник Никола Пијанманов.
Претставата се реализира во копродукција со Народен театар Антон Панов Струмица, а финансиски е поддржана од Г1 програмата на општина Струмица.