Струмичанецот Никола Пијанманов со „Времиња“ во Галеријата на МКЦ – Скопје

април 13, 2018

Триесетина слики настанати во последниве четири години ја чинат „Времиња“, новата самостојна изложба на Никола Пијанманов, што од 13 до 28 април, ќе се одржи во Галеријата на Младински културен центар – Скопје. Со неа струмичкиот уметник прави пресек или неизбежен допир помеѓу годишните циклусни времиња видени низ перспективата на пејзажот и историските човечки појави, кои се повторуваат како сон во кој личноста е историски оттуѓена од целината, од природата.

По нецела половина година од „Артерии“ на струмичката ликовна група ПРЕСЕК, Никола Пијанманов еве го со неговата нова самостојна изложба. Поставката е насловена „Времиња“ и на неа од 13 април, во Галеријата на Младински културен центар – Скопје, ќе бидат изложени триесеттина слики настанати во последниве четири години. Изложбата, како што ќе биде забележано во текстот печатен во каталогот, прави пресек или неизбежен допир помеѓу годишните циклусни времиња видени низ перспективата на пејзажот, и историските човечки појави, кои се повторуваат како сон во кој личноста е историски оттуѓена од целината, од природата.

Во своето појаснување уметникот вели дека времињата се сметаат за една метафизичка, меѓупросторна појава кадешто човекот е фатен во една мрежа. Тој дополнува дека времињата кај него се пресекуваат но и се дополнуваат во една неверојатна синтеза од два правци – од времињата како појава во природниот свет во кој човекот ја игра главната улога. Затоа на изложбата има портрети и фигури на интересни ликови кои се повторуваат низ историјата како некоја „ничеанска казна“. Тука се, како што истакнува Пијанманов, Јуда кој го предава Христос, неговиот портрет, Пинокио – еден сосема друг лик заробен во времето, „едно дете кое не може да се ослободи од дрвото од кое е направено и живее некаде на патот помеѓу човеколикоста и предметноста“, портрет на Исус, неговите страдања претставени во еден пејзаж на едно невреме…

„Годишните времиња кои се видени, да кажеме, од очите на Петар Бројдо Постариот овде кај мене се само еден параван врз кој се одигруваат некои помалку важни или повеќе важни историски настани. Но тие историски настани толку се повторуваат, толку ги живееме што стануваат еден вид мета-историски настани. Ја преминуваат историјата и се претвораат во симболи на она што ние денес го живееме, го дишеме, го чувствуваме. Затоа имам еден шут којшто сака да се качи на престолот, но никако не може да седне на него. Да стане крал. Останал под престолот и помеѓу тоа растојание тој си замислува дека е крал, а всушност си останува она што е“, смета уметникот.

Говорејќи за изложбата, тој со додавка дека на сликите можат да се видат замрзнати езера, замрзнати полиња… Истакнува дека временските неприлики најдобро ги опишал Толстој во еден мал пасус од вториот дел на „Војна и мир“ каде кнезот Андреј Болконски, во битката кај Аустерлиц паѓа погоден од еден куршум и така легнат на земјата се прашува: Како само јас, глупав човек, сум можел да не ги видам досега овие облаци? Како сум можел да не го видам ова небо?

„Од таа појава тргнува и мојот каталог и насловот на оваа моја седма самостојна изложба „Времиња“ затоа што човекот иако е фатен во времето тој има шанси и може да отскокне од него, да го надмине и преку еден метафизички свет да допре до суштината на работите како што и во мигот пред смртта Андреј Болконски го видел движењето на облаците кои не се само физичка појава. Во тој миг за него се отвора небото, се отвора вечноста“, вели тој.

Прашан, пак, за тоа кога говори за минатото, за вечноста, за природата, како да говори за времето во кое живееме овде и сега, Пијанманов со образложение дека „сите тие ликови, иако се прототипи, се живи денес, ги гледаме меѓу нас, постојат. Дека тоа се ликови кои не завршуваат во книгите или во историјата“.

„Не само што се повторуваат овие ликови, туку и се интензивираат. Ние живееме во време кога историјата го клокоти котелот и доживува едно испарување. Се наоѓаме пред една масовна експлозија која секогаш циклично се повторува. Времињата знаат да завршат и повторно да отпочнат. Тоа е секогаш првото раѓање, второто раѓање, одново и одново и одново и човекот се врти во тој круг. Но едно останува – природата. Христос го носи крстот, но зад него постои едно мало есенско дрвце кое трепери на студениот ветер. Јас мислам дека тоа дрвце и тој нежен лист од тоа дрвце ќе ги надживее сите историски превирања, проблеми… Мекоста ќе ја победи тврдоста, или како што Лао Цекажа – малите работи на крајот ќе победат. Нема да победат големите“, појаснува уметникот.

Конечно, Никола Пијанманов за „Времиња“ вели дека е тоа еден екстракт од она што го работел во последниве четири години. Дека самиот живее на еден начин изолиран од градската средина, дека неговото ателје е во една шума покрај река, и дека од таму „почисто и побистро се гледаат настаните“, па дури и оној пресек за кој зборува во актуелната изложба.

„Оној пресек кога човекот само ќе помине низ пејзажот. Не би рекол дека тој е статист. Човекот ќе помине во него како во сликите на Каспар Давид Фридрих. Ќе застане еден монах, ќе погледне во бескрајот и ќе сфати дека тој е мал во големината. Не мал како безначајно нешто, туку мал како мал дел од целината. Дека е дел од целината. Дека не е надвор од неа. И целината него ќе го впие и тој ќе ја впие целината во себе и за тоа единство сакам да зборувам во овие слики.Тоа е она што ме мачеше долги години и се надевам дека успеав да го кажам. Впрочем, публиката ќе види на изложбата“, ќе рече авторот.

Роден 1981 година во Струмица, Никола Пијанманов своето ликовно образование го почнал во Средното уметничко училиште „Лазар Личеновски“, а го заокружил на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Првата изложба „Илуминации“ ја работел инспириран од поезијата на Михаил Ренџов во 2007 година во НУБ „Св. Климент Охридски“, потем со „Крст од Топола“, во март 2008, се претставил во МКЦ, за да „Мирисот на времето“ се случи едно лето подоцна во Националната галерија на Македонија, во објектот Мала станица. Истата 2009 година своите слики и ги претставил и на ликовната публика во родниот град, а во Скопје, во Музејот на градот, се во 2012 со „Исчезливо“. Следуваат едно подруго „Ризата на Саломе“ во Ликовниот салон на Народен музеј Велес, „Илуминирани книги“ во Галерија на музеј – Струмица и „Остатоци“ во НУЦК „Антон Панов“.

Учесник е на повеќе групни поставки и колонии во земјава и во странство, а неговиот творечки печат може да се сретне и во сликарските проекти во претставите „Досие Стринберг“ на Владо Цветановски (НУЦК „Антон Панов“, 2010, Струмица) и „Бесови“ на Златко Славенски (МНТ Скопје, 2011), а потписник е и на сценографијата за „Второ пришествие“ на режисерот Васил Михаил.

Тој е автор и на монументални јавни дела: „Секира“, слика која се наоѓа во фоајето на МОБ,

„Дрво на животот“, монументална скулптура од железо поставена во градскиот парк во Струмица, „Бршлен“, слика посветена на жртвите од карцином и „Старецот и морето“ – монументално дело поставено на фасадата на библиотеката во градот под Царевите кули.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ