Со поддршка на општина Струмица отворен е Саемот на книгата „Ајде да читаме“

јуни 1, 2018

Под мотото „Ајде да читаме“, денеска, на плоштадот „Гоце Делчев“, беше отворен Саем на книгата со поддршка на општина Струмица. Од името на градоначалникот Коста Јаневски и од името на Советот на општина Струмица, оваа саемска манифестација ја поздрави Јосиф Христов, член на Советот.

-Треба сите да не радува што овој саем на книгата под отворено небо, по трет пат се случува на плоштадот во нашиот град, а зад чија организација и реализација стојат Младинскиот совет – Струмица, Академијата АБЦ, Локалната установа Библиотека „Благој Јанков Мучето“ и Сим Компани од Струмица, а и овој пат со поддршка на општина Струмица. Книгата е таа која на луѓето им ги отвора сите можни хоризонти и не прави да бидеме побогати. И тоа воопшто не е фраза, туку апсолутна вистина. Не постои ниту едно материјално богатство кое може да биде поголемо од духовното богатство кое ни го нуди книгата. Колку повеќе се дружиме со книгата, толку повеќе сме подобри, покултурни, почовечни и со повеќе сознанија за светот во кој живееме. Токму поради сево ова, би сакал мотото на овој саем, кој гласи „Ајде да читаме“ да допре до што поголем број наши сограѓани, и на тој начин што поголем број од изложените наслови да се најдат во нивните раце и домашни библиотеки. Со верба дека ќе биде токму така, ја поздравувам манифестацијата, со желба дека ќе опстојува уште многу години, рече Христов.

На Саемот се изложени книги од повеќе издавачки куќи и тоа: Култура, Наша култура, Антолог, Феникс, Сан ан книги, Матица, Три, Топер, Арс Ламина и други, а ќе биде отворен до недела.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна: