По ветровито време на „Младост“ во Струмица, Шкупи го искористи неиграњето од првата минута на Костовски, Стојков и Дориев и ги расипа сметките на второпласираната Академија Пандев, победувајќи ја во гости со 0-2 (0-1) во натпревар од 21. коло на ПМФЛ.
Во четвртата минута Томислав Илиев изби сам пред истрчаниот голман Азизи, но домашниот фудбалер за врска лобуваше за малку непрецизно и среќата ги спаси чаирчани. Шкупи брзо реагираше и со три корнери одговори на првата домашна шанса.
По петтиот гостински корнер се обиде Виктор Ангелов, но сигурен меѓу стативите беше Чубраковиќ. Во 38. минута со опасен удар се закани Сержо Антонио, но не ја погоди рамката од домашниот гол.
Кога сите помислија дека на одмор ќе се замине без голови, во судиското надополнување по една мешаница без Чубраковиќ, несреќниот Филип Трајановски по ударот на Махарава ја погоди сопствената мрежа и ги доведе избраниците на Умит Каран во водство (0-1).
Почетокот на вториот дел донесе серија на грешки, а „пандевци“ во ништо не ја подобрија својата игра од првиот дел. Југослав Тренчовски го внесе Марио Крстовски и веднаш забележлива беше офанзивната настроеност на струмичани.
Шанса за одлука околу победникот имаше Устабаши, кој доби топка од Ангелов во 83. минута, но биеше преку голот од изгледна позиција. Ацо Стојков и Љупче Дориев во последните 15-тина минути добија шанса да го избегнат поразот, но нивото на игра на Академија Пандев не се подигна. Во 79. минута Виктор Ангелов побегна по левата страна, избегна одфсајд стапица и сам пред Чубраковиќ пласираше во спротивниот агол за 0-2.
Овој пораз е краток стоп за амбииците на „пандевци“, кои по победата на Вардар против Македонија ЃП, пак се вратија на третото место.