Негативната кампања која се води извесен период придонела опфатот за одредени вакцини во струмичкиот регион да падне под задоволителното ниво од 95%. Посебно бил опаднат процентот кај ревакцинацијата. Докторите од Центарот за јавно здравје и здравствен дом – Струмица велат до пред неколку години таков проблем немале. Анти кампањата за вакцините може да направи повторно да се вратат дел од заразните болести кои со години се искоренети. Затоа е потребно да се подигне свеста кај граѓаните од потребата за вакцинација и јакнење не само на поединечниот туку и на колективниот имунитет, велат здравствените работници.
– Вакцинацијата е една најголема придобивка што може да ја има здравството. Значи против одредени заразни заболувања против кои се врши вакцинација веќе и не постојат кај нас, веќе се искоренети. Но, тоа не значи дека ако трае оваа анти кампања и ако се прошири и понатаму тоа не значи дека и нашиот регион ќе остане изолиран, односно нема да ни се повторат некои искоренети заразни заболувања, вели Д-Р Силвана Пекоска.
Здравствените работници велат дека намалувањето на процентот на вакцинација во последно време било поизразено во урбаните за разлика од руралните средини. Со цел да ги информираат граѓаните за важноста на вакцината, а во рамки на неделата на имунизација беше организиран и информативен настан на кој родителите , но и сите граѓани имаа можност да се информираат и едуцираат за вакцините, нивниот квалитет и да ги решат дилемите поврзани со оваа проблематика.