Градоначалникот Јаневски им се заблагодари на сите кои што беа дел од најуспешното издание на Струмица опен фестивалот

август 21, 2018

Синоќа се затвори големата фест сцена на Струмица опен фестивал 2018. Градоначалникот Коста Јаневски, денеска, упати јавна благодарност до организаторите од Здружението „Културен – забавен живот“, за професионалноста на институциите кои беа задолжени за безбедноста и чистотата, а најмногу на граѓаните кои беа дел од седмиот СТРУМИЦА ОПЕН ФЕСТИВАЛ.
-Помина уште едно, седмо по ред издание, на најмасовната манифестација во нашиот град и општина, но и во цела Македонија, СТРУМИЦА ОПЕН ФЕСТИВАЛ. Радува тоа што реакциите на граѓаните од нашата и другите општини од нашава земја но и од странство, како преку непосредните контакти, така и преку социјалните мрежи, се повеќе од позитивни. Од тие реакции но и од согледувањето на фактичката состојба, може слободно да се заклучи дека годинава го имавме едно од најмасовните и најквалитетните изданија на СТРУМИЦА ОПЕН ФЕСТИВАЛ.
Ако на тоа се додаде фактот, дека за прв пат овој фестивал се одржа во текот на јули и август, понудувајќи им на граѓаните разнoвидни содржини за сечиј вкус, можеме да констатираме дека е направен значаен исчекор и во квалитет и во квантитет, со што истиот бележи евидентна нагорна линија. Задоволството е уште поголемо, што сите фестивалски денови поминаа без никакви проблеми или нарушување на јавниот ред и мир.
Поради сето тоа, сакам јавно да им честитам и да им се заблагодарам, како на организаторите од Здружението „Културен – забавен живот“, така и на сите институции кои беа задолжени за безбедноста и чистотата (за нивната професионалност и сериозност), а најмногу на граѓаните кои беа дел од Седмиот СТРУМИЦА ОПЕН ФЕСТИВАЛ.
Бидејќи, интенција на фестивалот е секое наредно издание да биде подобро од претходното, ветуваме дека Општина Струмица и јас како градоначалник, ќе вложиме максимални напори во севкупната негова поддршка, а за уште поголемо збогатување на содржините кои го разубавуваат животот на граѓаните, рече Јаневски.

Споделете ја оваа вест доколку ви се допадна:

НАЈНОВИ ВЕСТИ