Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Струмица реагираше на критиките од СДСМ во врска со асфалтирањето на делници од булеварот „Ленинова“, оценувајќи дека опозициската партија се обидува инфраструктурните активности да ги претстави како политички проблем.
Во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ наведуваат дека за време на долгогодишното владеење на СДСМ, граѓаните постојано барале санација на оштетените улици, реконструкција на коловозите и подобрување на безбедноста во сообраќајот.
Според нив, сегашните активности на булеварот „Ленинова“ се дел од инфраструктурните зафати што се реализираат во општината, а работите, како што тврдат, се изведуваат професионално и стручно, со цел долготрајно користење на коловозот.
Од партијата ги отфрлаат критиките на СДСМ и оценуваат дека станува збор за обид секоја инвестиција да се искористи за политичка пресметка.
„Обидот секоја инвестиција да се претвори во политички скандал не е критика, тоа е очајничка потрага по тема“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ Струмица.
Оттаму упатуваат и критики за претходното раководење со општината, обвинувајќи го СДСМ дека не реализирал дел од проектите за кои претходно давал ветувања.
Од ОК ВМРО-ДПМНЕ Струмица порачуваат дека ќе продолжат со активностите за изградба и реконструкција на инфраструктурата, додека политичките несогласувања меѓу двете партии продолжуваат и околу актуелните градежни зафати на булеварот „Ленинова“.





















