Со повеќе од 100 учесници од Република Бугарија и Република Северна Македонија, успешно се реализираше првиот ден од пилот-тестирањето на новата туристичка рута „По патеките на Мис Стоун“, на територијата на Општина Василево.
Настанот се организира во рамки на проектот „Интеграција на креативен, дигитален, зелен и еко-туризам за одржлив развој на териториите и заедниците во Кресна, Струмјани и Василево“, финансиран преку Програмата Interreg VI-A IPA Бугарија – Северна Македонија 2021-2027.
Настанот започна со поздравно обраќање на градоначалникот на Општина Василево, Славе Андонов, и претставник на проектниот партнер од Бугарија, по што следуваше презентација на проектот, туристичката рута и интересната историска приказна за Мис Стоун, која претставува основа за создавањето на овој туристички производ.
Во продолжение, учесниците, поделени во пешачка и велосипедска група, имаа можност непосредно да ја истражат рутата, да уживаат во природните убавини на регионот и да се запознаат со неговото богато културно-историско наследство.
Турата помина во одлична атмосфера, исполнета со дружење, нови познанства и размена на искуства меѓу учесниците од двете соседни земји. На крајната точка беше организиран заеднички ручек во природа, по што учесниците ги споделија своите впечатоци, предлози и препораки за понатамошно унапредување на туристичката рута.
Во рамки на истиот проект се реализира и реконструкцијата на Домот на културата во село Градашорци, кој ќе придонесе за промоција на културното наследство, развојот на туризмот и организирањето културни и туристички настани, во склоп на кој ќе има Спомен соба посветена на Мис Стоун, Туристичко-информативен центар преку кој ќе се изнајмуваат велосипеди и мултифункционана сала.
Пилот-тестирањето претставува значаен чекор кон создавање нова и препознатлива прекугранична туристичка понуда, која ги поврзува природата, историјата, културата и активниот туризам.
Успешната реализација на првиот ден покажа дека културното и природното наследство претставуваат мост за поврзување на луѓето, развој на туризмот и зајакнување на прекуграничната соработка.
Настанот е организиран од ДПТУ Саси-Трејд Дооел Струмица во соработка со Општина Василево.



























