Делегација од Општина Струмица денеска престојува во официјална посета на Општина Пијаченца, Италија, со цел унапредување на долгогодишната соработка, размена на искуства и зацврстување на пријателските односи меѓу двете општини.
Струмичката делегација беше пречекана од градоначалничката Катја Тараскони, претседателката на Советот Паола Газола и советничката Серена Гропели, на кои им беше упатена благодарност за топлиот прием.
Посебно значење на соработката ѝ дава фактот што голем број жители на Пијаченца потекнуваат од Струмица и струмичкиот регион. Покрај институционалните односи, двете општини ги поврзуваат и силни човечки и семејни врски, кои претставуваат дополнителен поттик за развивање заеднички иницијативи.
Од делегацијата беше истакнат придонесот на Македонците во развојот на италијанското општество преку нивната работа и интеграција во тамошната заедница. Воедно, беше изразена благодарност до италијанските општини и институции кои го поддржуваат негувањето и зачувувањето на македонската традиција, култура и идентитет.
Благодарност беше упатена и до здружението „Македонски корени“ за организацијата на Македонскиот ден во Понтенуре. Настанот беше посочен како значајна можност за поврзување на иселениците и промоција на македонско-италијанското пријателство.
Очекувањата се посетата да придонесе за уште посилна соработка меѓу Струмица и Пијаченца и да отвори можности за нови заеднички активности.





















