Фондот за здравствено осигурување подготвува промени во правилата за боледување, со кои се планира намалување на бројот на денови што матичниот лекар може самостојно да ги одобри, но и воведување дополнителни механизми за контрола.
Директорот на ФЗО, Златко Перински, најави дека до Управниот одбор ќе бидат доставени предлог-измени на Правилникот за боледување, како и на критериумите според кои се вршат контролите. Целта, како што посочи, е средствата наменети за боледувања да стигнуваат до лицата на кои навистина им се потребни и да се намали можноста за злоупотреба.
Една од клучните предложени промени се однесува на периодот за кој матичниот лекар може да издаде боледување. Наместо досегашните седум дена, предлогот е тој период да биде скратен на пет дена.
Истовремено, ФЗО планира да ја олесни процедурата за лицата кои поради здравствената состојба не се во можност лично да дојдат за да го регулираат боледувањето.
Промени се предвидуваат и во начинот на контролирање на користењето на боледувањето. Според Перински, ФЗО ќе воспоставува механизми за заеднички контроли со други институции, меѓу кои Управата за јавни приходи и Министерството за внатрешни работи, во рамки на нивните надлежности.
Како новина се најавува и можноста лекарското мислење за боледување, издадено од лекарска комисија, дополнително да биде предмет на ревизија врз основа на извештајот од контролорот.
Перински објасни дека контролата во пракса би можела да се спроведува и со посета на адресата на која осигуреникот престојува додека е на боледување. Контролор би можел да изврши проверка по случаен избор, но и по пријава од работодавач.
Доколку при контролата лицето не биде пронајдено на местото каде што треба да го поминува боледувањето, контролорот ќе остави документ со кој осигуреникот ќе биде упатен да се јави пред соодветната лекарска комисија.
Таму лицето ќе треба да објасни од која причина не било пронајдено на адресата, односно зошто не се наоѓало на местото каде што според правилата треба да го спроведува боледувањето. За резултатот од контролата ќе бидат информирани и работодавачите.
Потребата од зајакнување на контролата, според Перински, е поврзана и со значителните средства што ФЗО ги издвојува за боледувања и породилно отсуство. Во буџетот на Фондот за 2026 година за оваа намена се предвидени 6 милијарди и 454 милиони денари.
„Боледувањата секогаш се сензитивни за јавноста“, посочи Перински, нагласувајќи дека целта на измените е истовремено да се зачува правото на боледување и да се спречат неговите злоупотреби.
Управниот одбор на ФЗО треба да одржи седница следната недела. Доколку измените бидат усвоени, потребно е да се обезбедат позитивно мислење и согласност од Министерството за здравство, по што новите правила би можеле да започнат да се применуваат.
Перински најави и промена поврзана со рецептите издадени од дежурните здравствени служби.
Според актуелниот правилник, доколку рецепт биде издаден од дежурна служба, тој мора да се реализира истиот ден, односно најдоцна до полноќ.
Предлогот е рокот за реализација да биде продолжен на 24 часа. На тој начин, пациентите кои добиле здравствена услуга во доцните вечерни часови нема да мора да брзаат да го подигнат лекот пред истекот на истиот ден.





















