Премиерот Христијан Мицкоски очекува Бугарија да постапи по потерницата за таткото на Ива Михаилова и тој да биде испорачан во Македонија, каде што треба да издржува 12-годишна затворска казна за дело поврзано со обид за убиство.
Реакцијата на премиерот следува откако лицето, и покрај потерницата во Македонија, се појави во бугарските медиуми и јавно говореше за судската постапка што се води против неговата ќерка во Кочани.
„Ние имаме потерница и очекуваме нашите партнери да постапат соодветно на партнерството, бидејќи ние сме партнери со нашиот источен сосед во една друга алијанса којашто се вика НАТО“, изјави Мицкоски.
Тој рече дека очекува лицата кои се бараат со потерница, а се осомничени или осудени за прекршочни или кривични дела, да бидат испорачани и да се соочат со правдата.
„Само на тој начин секој може да ја докаже својата вина или невиност“, додаде премиерот.
Случајот повторно се најде во јавноста по медиумскиот настап на таткото на Ива Михаилова во Бугарија, каде што зборуваше за постапката што против неговата ќерка се води пред судот во Кочани.





















