Во пресрет на почетокот на новата учебна година, повеќе основни и средни училишта во Струмица ги пречекуваат учениците со обновени простории, современа опрема и подобрени услови за настава, спорт и личен развој.
Во ООУ „Никола Вапцаров“ се извршени повеќе активности за освежување и уредување на училишните простории, а обезбедена е и нова компјутерска опрема за унапредување на наставниот процес. Значајна придобивка е и загревањето на училишната спортска сала на природен гас, со што ќе се создадат поквалитетни услови за спорт и рекреација.
Подготвено за новите предизвици е и ООУ „Видое Подгорец“, каде што се обновени училниците, реновиран е кабинетот по информатика, унапредени се спортските простори и набавена е нова наставна опрема. Инвестициите имаат за цел да обезбедат поквалитетно образование и подобра средина за секое дете.
Новата учебна година подготвено ја започнува и ДСУ РЦСОО „Никола Карев“. Преку реконструкција на училишниот објект, подобрување на наставните и спортските услови и развој на современото стручно образование, училиштето создава можности за практично знаење и успешно професионално насочување на идните генерации.
Во СОУ „Јане Сандански“, учениците ќе имаат пристап до современи образовни програми, практична настава, спортски активности и повеќе можности за избор. Целта е младите да учат во средина која ги поттикнува знаењето, креативноста, самостојноста и личниот развој.
За најмладите, пак, ЈОУДГ „Виножито“ обезбедува топла, безбедна и поттикнувачка средина во која играта и учењето се надополнуваат, а детските насмевки остануваат основа за среќно и безгрижно детство.
Овие активности се претставени во рамките на видеосеријалот „Со работа до промени“, преку кој се прикажуваат проектите и инвестициите насочени кон создавање подобри услови за образование и живот во Општина Струмица.





















