Во Струмица започна 21. издание на Меѓународниот филмски фестивал „Астерфест“, манифестација која повеќе од две децении придонесува градот да се вбројува меѓу најзначајните културни центри во државата.
Преку ваквите фестивалски настани, Струмица го зацврстува својот имиџ на современа културна дестинација која ги обединува филмската уметност, креативноста и меѓународната соработка.
Годинашна лауреатка е актерката Синоличка Трпкова, која признанието го добива за својот богат актерски опус, долгогодишната посветеност и исклучителниот придонес во филмската, телевизиската и драмската уметност. Нејзините бројни улоги и професионални достигнувања оставија неизбришлива трага во македонската култура.
Во текот на следните фестивалски денови публиката ќе има можност да проследи извонредни филмски остварувања, како и да биде дел од нови средби, разговори и инспиративни содржини.
Организаторите ги повикуваат струмичани и сите љубители на седмата уметност да уживаат во филмската магија, да откријат нови перспективи и да го збогатат своето културно искуство.





















