Екипите на Одделението за улично осветлување секојдневно интервенираат поради вандалско уништување и намерно оштетување на заштитните капаци на канделабрите низ градот.
Од надлежното одделение предупредуваат дека ваквите неодговорни постапки претставуваат сериозна опасност за безбедноста на граѓаните. Отворените или уништените капаци овозможуваат директен пристап до електричните инсталации, поради што постои ризик од струен удар и други несреќи.
Иако екипите навремено реагираат и ги санираат оштетувањата, случаите на вандализам се повторуваат речиси секојдневно. Со тоа се создава постојан ризик за населението, но и дополнителни трошоци што паѓаат на товар на сите граѓани.
Надлежните апелираат граѓаните да не толерираат вакво однесување и да го пријават секој забележан случај на оштетување на јавната инфраструктура.
Уличното осветлување е јавно добро кое служи за безбедноста на сите, а неговото намерно уништување претставува напад врз заедничкиот имот и интересите на целата заедница.





















