strumica denes logo

ТРИ ЛИЦА ЗАТЕКНАТИ СО ГОЛЕМА КОЛИЧИНА ЕЛЕКТРОНСКИ ОТПАД ВО СТРУМИЦА – СЛУЧАЈОТ Е ПРЕДАДЕН НА ПОЛИЦИЈАТА!

Автор:

Датум:

јули 14, 2026

Автор:

Датум:

јули 14, 2026

Општинските инспекциски служби на Општина Струмица информираа дека при вонреден инспекциски надзор спроведен на улицата „Антон Панов“ биле затекнати три лица кои, според наодите од инспекцијата, вршеле нерегистрирана дејност поврзана со собирање и постапување со отпад од стари електрични апарати.

ТЕКСТОТ ПРОДОЛЖУВА ПО РЕКЛАМАТА: pukanki baner - strumicki pukanki cesmicka ПРОДОЛЖЕНИЕ:

Надзорот бил реализиран на 14 јули 2026 година по наредба на градоначалникот Петар Јанков, согласно одредбите од Законот за јавна чистота. Улицата „Антон Панов“, како што посочуваат од инспекциските служби, претходно била детектирана како една од локациите каде најчесто се забележува нелегално складирање, постапување и трговија со отпад.

При контролата, инспекторите затекнале две товарни моторни возила натоварени со голема количина стар отпад од електрични апарати за домаќинство, за кој постоело сомнение дека бил наменет за расклопување и екстракција на металите со цел стекнување противправна имотна корист.

По утврдувањето на идентитетот на лицата, инспекцијата констатирала дека тие подолг временски период вршеле нерегистриран откуп на стари предмети од домаќинства, без соодветни дозволи и без да бидат впишани во регистарот на постапувачи со отпад, што, според известувањето, е спротивно на повеќе законски прописи.

Од Општина Струмица предупредуваат дека при расклопувањето на вакви електрични апарати се создава опасен отпад, меѓу кој и полиуретанска пена, чие несоодветно отстранување може сериозно да ја загрози животната средина, да го зголеми ризикот од пожари и при согорување да ослободи токсични гасови опасни по здравјето на луѓето.

Поради сомневањата дека во случајот постојат елементи на кривично дело, општинските комунални инспектори веднаш побарале присуство на инспектор од Одделението за криминалистичка полиција – Отсек за економски криминалитет при СВР Струмица. Согласно Законот за инспекциски надзор, сите утврдени наоди биле предадени на економскиот криминал за понатамошно постапување.

Од Општина Струмица наведуваат дека, и покрај континуираните апели на градоначалникот Петар Јанков, ваквите појави и натаму се повторуваат. Истакнуваат дека заштитата и унапредувањето на животната средина, како и заштитата на здравјето и квалитетот на живот на граѓаните, ќе останат меѓу врвните приоритети на локалната самоуправа и општинските инспекциски служби.