Градоначалникот на Општина Струмица, Петар Јанков, на денешната прес-конференција соопшти дека при преземањето на функцијата наследил сериозни финансиски проблеми во Општината и јавните претпријатија, наведувајќи дека вкупните долгови и обврски надминуваат една милијарда денари.
Јанков истакна дека новото општинско раководство во изминатиот период се фокусирало на стабилизирање на финансиската состојба, без, како што рече, дополнително да ја оптоварува јавноста со негативни информации. Сепак, според него, поради обидите да се искриви реалната состојба, одлучиле јавно да ги презентираат фактите за наследените долгови.
Тој нагласи дека веднаш по преземањето на функцијата била спроведена детална анализа на финансиското работење на Општината, при што бил извршен целосен увид во сите финансиски обврски, со цел да се евидентира секој долг и да се утврдат евентуални неправилности согласно законските процедури.
Според презентираните податоци, на 27 октомври 2025 година Општина Струмица имала доспеани обврски во износ од 19.309.820 денари. Во исто време, ЈП „Комуналец“ имало долг поголем од 510 милиони денари, додека ЈСП „Струмица Транспорт“ должело повеќе од 340 милиони денари, долг кој, како што беше наведено, ќе се отплаќа на рати до 2031 година.
Градоначалникот информираше дека за обезбедување непречено функционирање на јавните претпријатија, Општина Струмица реализирала капитални трансфери во вкупен износ од 28,9 милиони денари. Од нив, 1,9 милиони денари биле исплатени на ЈП „Стационар Лана“, 2 милиони денари на „Струмица Гас“, а 25 милиони денари на ЈСП „Струмица Транспорт“.
Дополнително, како што беше посочено, биле исплатени повеќе од три милиони денари за заостанати сметки за електрична енергија за уличното осветлување за месеците август и септември, како и 2.509.900 денари кон Министерството за финансии по основ на кредит од Меѓународната банка за обнова и развој. Според Јанков, ова претставува дел од наследените кредитни обврски во вкупен износ од околу 67 милиони денари.
Тој оцени дека наместо да бара оправдувања, актуелното раководство се определило за сервисирање на наследените долгови, стабилизирање на јавните финансии и продолжување на реализацијата на проектите од интерес за граѓаните.
На крајот од прес-конференцијата, Јанков порача дека Општина Струмица ќе продолжи со политика на транспарентност, домаќинско работење и одговорно управување со буџетските средства, додавајќи дека граѓаните имаат право да ја знаат вистинската финансиска состојба на Општината.






















