Под покровителство на Општина Струмица, од 24 до 26 јули во Градскиот парк ќе се одржи второто издание на фестивалот „СФЕСТ“, кој, според организаторите, полека но сигурно се етаблира како едно од најзначајните летни културни случувања во Македонија.
На денешната прес-конференција, Организацискиот тим информираше дека подготовките се одвиваат според предвидената динамика, а годинашното издание ќе понуди значително побогата и поразновидна програма во споредба со минатата година.
Членот на Организацискиот тим, Елена Запрова, истакна дека фестивалската програма ќе започнува секој ден од 18 часот, а Градскиот парк ќе биде центар на музиката, креативноста и добрата атмосфера.
Таа потсети дека минатогодишното издание го посетиле околу две илјади посетители, што, како што рече, било потврда дека Струмица има публика која сака вакви културни настани. Годинава фестивалот ќе понуди три фестивалски сцени, повеќе од 30 изведувачи и богата програма со содржини наменети за сите генерации.
Запрова упати благодарност до градоначалникот Петар Јанков и Општина Струмица за поддршката на фестивалот, нагласувајќи дека токму поради заедничката заложба „СФЕСТ“ и оваа година ќе биде со бесплатен влез за сите посетители.
Членот на Организацискиот тим, Димитар Чорески, најави дека во рамките на фестивалот ќе биде организирана „Базар зона“ со учество на околу 40 локални креативци, како и „Фуд-зона“, каде посетителите ќе можат да уживаат во производи од локални производители и специјалитетите на „Yoyo’s“. Во соработка со ФОН Универзитетот ќе биде поставена и изложба со дела од студенти и млади уметници.
Организаторите најавија дека посебен акцент ќе биде ставен и на заштитата на животната средина. Во текот на фестивалот ќе бидат поставени зони за селекција на отпад во соработка со ЈПКД „Комуналец“ – Струмица, како и зона за рециклирање реализирана заедно со Црвен крст – Струмица.
Со богата музичка, уметничка и гастрономска програма, „СФЕСТ 2026“ најавува три дена исполнети со забава, дружење и креативност, а организаторите очекуваат уште поголема посетеност од минатогодишната.






















