НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Струмица, заедно со министерот за култура и туризам Зоран Љутков и министерот за локална самоуправа Златко Перински, го означија почетокот на реализацијата на значаен проект за заштита и промоција на културното наследство – уредувањето и валоризацијата на локалитетот Бања Банско.
Станува збор за проектот „CulTour Crossing Borders“, кој се реализира во рамките на ИНТЕРЕГ програмата на Европската Унија и претставува важен чекор кон зачувување и современа презентација на едно од најзначајните културно-историски богатства во струмичкиот регион.
За реализација на проектот се обезбедени повеќе од 25 милиони денари, наменети за активности кои ќе придонесат за заштита, унапредување и поголема достапност на локалитетот. По завршувањето на сите неопходни подготвителни постапки, изработката на проектната документација, обезбедувањето на потребните дозволи и спроведените јавни набавки, започнува реализацијата на предвидените активности на терен.
Во рамките на проектот е предвидено поставување туристички инфо-пункт, преку кој посетителите ќе можат подобро да се запознаат со историското значење, археолошките вредности и богатото културно наследство на Бања Банско.
Проектот се реализира во партнерство со институции и организации од Македонија и Грција и претставува пример за успешна прекугранична соработка во областа на културното наследство и туризмот.
Со реализацијата на овој проект, НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Струмица продолжува со својата мисија за заштита, истражување и афирмација на културното наследство, создавајќи нови можности за развој на културниот туризам и промоција на богатото културно богатство на Македонија.




































