Славе Андонов повторно ја доби довербата да го предводи Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Василево, откако на седница на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, по предлог на претседателот Христијан Мицкоски, беше реизбран за претседател на комитетот.
Во своето обраќање, Андонов истакна дека повторно укажаната доверба за него претставува голема чест, но и сериозна одговорност која ќе ја извршува со целосна посветеност, искреност и решителност.
Тој потсети дека изминатиот период бил исполнет со бројни предизвици и политички притисоци, но нагласи дека членовите и поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ во Василево останале сплотени и единствени, остварувајќи значајни политички успеси и изборни победи.
Андонов посочи дека последната победа на локалните избори претставува историски резултат за ВМРО-ДПМНЕ во општина Василево и една од најголемите изборни победи на партијата во Македонија според освоениот број на гласови од излезените гласачи. Според него, ваквиот успех е резултат на заедничката работа, пожртвуваноста и довербата на членовите, активистите и поддржувачите.
Тој нагласи дека Василево денес е препознатливо како силен бастион на ВМРО-ДПМНЕ, но пред сè како општина во која граѓаните знаат да ја препознаат чесната работа, исполнетите ветувања и посветеноста кон заедницата.
Во својата изјава, Андонов посебно ја истакна улогата на членовите на комитетот, оценувајќи дека најголемата сила на организацијата се луѓето кои со години работат за партијата и за доброто на општината.
Тој најави дека заедно со Унијата на млади сили, Унијата на жени, Унијата на ветераните, Патриотскиот институт, месните комитети и сите активисти ќе продолжат уште поенергично и пообединето во реализацијата на поставените цели.
Андонов порача дека и во наредниот период ќе останат блиску до граѓаните, присутни во секое населено место, со фокус на чесна, одговорна и посветена работа.
Изразувајќи увереност дека најдобрите денови за Василево допрва доаѓаат, тој вети засилено темпо на работа, борбеност и целосна посветеност во интерес на општината, граѓаните и Македонија.





















