Општинската организација на СДСМ Струмица ја информираше јавноста дека за нов претседател на организацијата е назначен д-р Лазо Манев.
Од ОО СДСМ Струмица истакнаа дека д-р Манев ја презема функцијата со јасна визија за обединување на членството, внесување нова енергија и продолжување на социјалдемократските политики во општината. Според партиската организација, неговиот професионален интегритет, општествена одговорност и посветеност претставуваат силна основа за понатамошно јакнење на организацијата.
Во наредниот период, неговиот ангажман ќе биде насочен кон зајакнување на тимската работа, поголема отвореност кон граѓаните и внимателно следење на потребите на локалната заедница.
Воедно, од ОО СДСМ Струмица упатија благодарност до досегашниот претседател Марјан Даскаловски за неговото долгогодишно успешно раководење со организацијата. Тие оценија дека со својот труд, посветеност и одговорен пристап, Даскаловски оставил значаен белег во развојот на партијата и придонел за бројни успеси во интерес на граѓаните на Струмица.
Од организацијата му посакаа добро здравје и успех во идните професионални и лични предизвици, нагласувајќи дека неговото искуство и понатаму ќе биде значаен дел од нивното заедничко делување.





















