Во духот на големиот христијански празник Света Троица (Духовден), во неделата, на 31 мај 2026 година, во селото Дабиле успешно се одржа првото издание на крос-трката „Мое Дабиле – Св. Троица 2026“. Настанот беше организиран од новоформираното Здружение на граѓани „Мое Дабиле“, со поддршка од локални компании и поединци кои несебично придонесоа за неговата реализација.
Крос-трката помина во одлична атмосфера, исполнета со спортски дух, дружење и голем број учесници и посетители. Особено внимание привлекоа најмладите натпреварувачи кои со насмевки и голема енергија ја истрчаа својата делница, поздравени со силен аплауз од присутните.
Во рамки на манифестацијата беа организирани четири трки: на 400 метри за деца до 10 години, на 1.000 метри за деца од 10 до 14 години, на 2.000 метри за млади од 14 до 18 години и на 4.000 метри за учесници над 18 години. На настанот учествуваа повеќе од 80 натпреварувачи, најголем дел од нив жители на Дабиле.
Учеството беше бесплатно, а организаторите обезбедија маици за сите натпреварувачи. За најмалите учесници беа доделени медали како признание за нивното учество, додека во останатите категории најуспешните во машка и женска конкуренција беа наградени со парични награди.
Најуспешен натпреварувач на трката на 4.000 метри и севкупен победник во генерален пласман беше Столе Танчев од Дабиле. Тој доби и специјална награда – икона на Света Троица, како симбол на празникот по кој е препознатливо селото.
Организаторите истакнаа дека крос-трката претставува возобновување на стара локална традиција поврзана со празникот Света Троица и има за цел да го поттикне спортскиот дух, здравите животни навики кај младите и заедништвото меѓу жителите. Големиот интерес и позитивните реакции од учесниците и посетителите се показател дека оваа манифестација има потенцијал да стане традиционален годишен настан во Дабиле.






















