strumica denes logo

МОМЦИТЕ КОИ СЕКОГАШ СЕ ВО ПРВА БОРБЕНА ЛИНИЈА: СТРУМИЧКИТЕ ПОЖАРНИКАРИ ГО ОДБЕЛЕЖАА СВОЈОТ ДЕН СО ДЕМОНСТРАТИВНА ВЕЖБА И ПОРАКА ЗА БЕЗБЕДНОСТ

Автор:

Датум:

мај 20, 2026

Автор:

Датум:

мај 20, 2026

Струмичките пожарникари и годинава на достоинствен начин го одбележаа Денот на пожарникарите, потврдувајќи ја својата професионалност, подготвеност и пожртвуваност преку демонстративна вежба што се одржа во СОУ „Димитар Влахов“ во Струмица.

ТЕКСТОТ ПРОДОЛЖУВА ПО РЕКЛАМАТА: ПРОДОЛЖЕНИЕ:

Вежбата беше реализирана од Територијалната професионална противпожарна единица – Струмица, во соработка со Општинската организација на Црвениот крст, а на настанот присуствуваа градоначалникот на Општина Струмица, Петар Јанков, како и претставници од Советот и локалната самоуправа.

По повод Денот на пожарникарите, градоначалникот Јанков упати честитки до припадниците на ТППЕ – Струмица, изразувајќи благодарност за нивната храброст, професионалност и секојдневна подготвеност да се соочат со ризици за заштита на граѓаните и нивниот имот.

Во своето обраќање, Јанков истакна дека Општина Струмица ќе продолжи со вложувања во модернизација и опремување на противпожарната единица, потсетувајќи дека на последната седница на Советот било прифатено донирано противпожарно возило со скала со досег од 25 метри, кое ќе биде од особено значење за интервенции во урбани средини и спасувачки акции на високи и тешко достапни објекти.

Заменик-командирот на ТППЕ – Струмица, Александар Гудев, упати благодарност до локалната самоуправа и градоначалникот за континуираната поддршка, нагласувајќи дека новото возило претставува значително засилување на капацитетите на единицата.

Според него, станува збор за инвестиција што директно придонесува за поголема безбедност на граѓаните, како и за подобра ефикасност и подготвеност на пожарникарите при интервенции, особено при гаснење пожари и спасувачки дејства на високи објекти.

Во знак на благодарност за поддршката, Гудев во име на струмичките пожарникари му врачи благодарница и маица со амблемот на противпожарната единица на градоначалникот Петар Јанков.