Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека новиот предлог-закон за игрите на среќа има за цел да воведе ред, контрола и ограничувања во оваа дејност, со што, како што нагласи, државата ќе се заштити од негативните последици од неконтролираната експанзија на казина и објекти за коцкање.
Мицкоски истакна дека со години се создавала состојба во која, според него, јавниот простор бил презаситен од вакви објекти.
„Имаме чувство дека државата наликуваше на Лас Вегас. Буквално, на секој чекор гледавме дуќани со силни светлечки реклами за игри на среќа, а покрај нив канцеларии за брзи кредити и заложувалници. Тоа е систем кој мора да се регулира“, изјави тој.
Премиерот додаде дека ваквата состојба, според него, довела до сериозни социјални последици и семејни проблеми, поради што е потребна интервенција на државата.
„Со новиот закон се уредува оваа дејност и ќе се ограничи агресивното рекламирање. Во некои места имаше цели населби со повеќе казина, што не е нормална состојба“, нагласи Мицкоски.
Тој посочи дека и покрај можните економски и фискални ефекти, државата мора да воведе ред во секторот.
Во однос на критиките дека законот бил донесен нетранспарентно и дека може да предизвика појава на црн пазар и губење работни места, Мицкоски изјави дека процесот бил отворен за сите засегнати страни.
„Сите беа повикани да учествуваат во изработката. Нормално е да нема целосно усогласување со индустријата, бидејќи тие имаат свој интерес, но ние го штитиме интересот на државата и граѓаните“, рече тој.





















