Владата нема да започне процес за уставни измени сѐ додека не бидат исполнети најмалку два услови, порача премиерот Христијан Мицкоски, нагласувајќи дека „уставни измени нема да има“ додека тој е претседател на Владата. Според Мицкоски, првиот услов се однесува на тоа македонската заедница во Бугарија да добие загарантирани права согласно меѓународното право, меѓународните конвенции и резолуциите за човекови права.
Вториот услов, како што посочи, е државата да добие јасни гаранции за македонскиот идентитет и македонскиот јазик, како и уверување дека во иднина нема да има билатерални вета и нови условувања кои би ја блокирале европската интеграција. Во тој контекст, Мицкоски оцени дека граѓаните и државата веќе поднеле значителни жртви на патот кон Европската унија и дека не смее да има нови понижувања и опструкции од „субјективни причини“.
Уставните измени се дел од условите поврзани со преговарачката рамка на Северна Македонија со ЕУ, при што во јавноста се дебатира дали и кога тие би можеле да се реализираат.
























