strumica denes logo

ВЛАДАТА ПОДГОТВУВА НОВ ЗАКОН: Нема цигари во ресторани, кафулиња, автомобили, пред деца, маркети, на автобуски и железнички станици, на пазари и во редица на институции!

Автор:

Датум:

јануари 11, 2026

Автор:

Датум:

јануари 11, 2026

Македонија подготвува сериозни и драстични измени на Законот за заштита од пушење, со кои практично се воведува целосна забрана за пушење во сите затворени простори од јавен карактер, а значително се ограничуваат и продажбата и видливоста на тутунските и никотинските производи.

Според предлог-законот кој наскоро треба да биде ставен на јавна расправа, пушењето ќе биде строго забрането во сите угостителски објекти – ресторани, кафеани, барови, меани, кантини и слични простори, без исклучоци.

Новите правила предвидуваат дека пушењето нема да биде дозволено ниту на терасите на угостителските објекти, доколку тие не се целосно отворени од најмалку три страни, со што се укинуваат досегашните „затворени тераси“ како компромисно решение.

Забраната се проширува и надвор од кафеаните. Пушење нема да биде дозволено во автомобил доколку во него има дете, како и на автобуски и железнички станици, пазари, во јавни институции и на повеќе јавни простори каде престојуваат граѓани.

Со предложените измени, истите ограничувања ќе важат и за електронските цигари и вејп уредите. Дополнително, целосно се забрануваат ароматизираните цигари и никотински производи.

„Се забранува производство, увоз, дистрибуција, продажба и ставање во промет на тутунски и никотински производи кои содржат ароми или вкусови“, се наведува во предлог-законот.

Посебен удар добива и начинот на продажба. Цигарите, без разлика дали се класични или електронски, нема да смеат да се рекламираат, ниту да бидат јавно изложени на рафтовите во маркетите и продавниците.

Овие построги мерки се дел од новиот Закон за заштита од пушење, кој Министерството за здравство го оценува како неопходен чекор за спречување на сериозна здравствена криза.

Од Министерството нагласуваат дека целта е намалување на изложеноста на чад и аеросоли, со посебен фокус на заштита на децата и младите и спречување создавање нови генерации зависници од никотин.

Податоците на здравствените институции се загрижувачки. Повеќе од 45 проценти од возрасното население во Македонија се пушачи – бројка која е значително над европскиот просек. Околу половина од пушачите дневно консумираат повеќе од 20 цигари, а секоја година околу 4.000 лица умираат од болести директно поврзани со пушењето.

Предлог-законот ќе биде објавен на платформата ЕНЕР, каде што ќе се отвори јавна дебата, по што ќе следува и неговата финална верзија.