strumica denes logo

Со наследен минус и нови планови: „Стационар Лана“ со отчет пред 2026 година!

Автор:

Датум:

декември 30, 2025

Автор:

Датум:

декември 30, 2025

„Стационар Лана“ – Струмица соопшти дека по извршената анализа на финансиската состојба на претпријатието, заклучно со 1 декември 2025 година, новото раководство затекнало негативно салдо (долг кон добавувачи – правни лица и кон физички лица – спогодби) во износ од 493.111 денари.

Од „Стационар Лана“ информираат дека претпријатието континуирано ја спроведува својата основна дејност – заловување и хуман третман и грижа за благосостојбата на бездомните кучиња, согласно принципот: заловување – дехелминтизација – третирање – стерилизација – вакцинација – враќање на место на заловување или нивно вдомување. Како што наведуваат, преку овие активности активно се работи на решавање на проблемот со бездомните кучиња на територијата на Општина Струмица.

Во соопштението се посочува дека во текот на 2025 година претпријатието има склучено договори за заловување и хуман третман на бездомни кучиња со општините Ново Село, Дојран, Радовиш, Валандово, Богданци и Босилово.

Целта на новото раководство, како што додаваат, е во програмата и планот за работа да бидат опфатени и останатите околни општини, со што би се спречил организиран и неконтролиран пренос на бездомни кучиња кон Општина Струмица – појава која, според нив, создава сериозни ризици по безбедноста на граѓаните, нарушување на животната средина и дополнителен финансиски товар за општината.

Во пресрет на Новата 2026 година, од ЈПЗБК „Стационар Лана“ упатија уверување дека ќе продолжат посветено и одговорно да работат на подобрување на состојбите, со желби за здравје, сигурност и похумана средина за сите граѓани.