По иницијатива на градоначалникот на општина Струмица, Петар Јанков, повторно се активираа урбаните и месните заедници, со што граѓаните добија конкретна можност директно да се вклучат во носењето одлуки и утврдувањето на приоритетите на општинско ниво. Овој чекор претставува враќање на моделот на локална самоуправа во кој жителите по маала и населени места имаат свое гласно и организирано претставување пред Општината.
По речиси осум години, синоќа се одржаа избори во сите урбани и месни заедници на територијата на општина Струмица, за кои беше забележан голем интерес од страна на граѓаните. Во демократска атмосфера и на транспарентен начин, избрани се 26 нови претседатели и нов состав на советите, кои во наредниот период ќе ги артикулираат потребите и предлозите на жителите од своите средини.
Граѓаните од урбаните и месните заедници ја поздравија одлуката на градоначалникот Петар Јанков и на новото општинско раководство за нивно ре-активирање, оценувајќи дека на овој начин се зајакнува локалната демократија и учеството на заедницата во креирањето на општинските политики. Тие најавија интензивна работа, иницијативи и успешна соработка со Општината со цел подобрување на условите за живеење и реализација на проекти од интерес на сите граѓани на Струмица.
























