Во основните училишта ООУ „Никола Вапцаров“, ООУ „Маршал Тито“, ООУ „Видое Подгорец“, ООУ „Сандо Масев“, како и во детските градинки ДГ „Виножито“ и ЈПУДГ „Детска Радост“, денес беа поставени професионални уреди за прочистување на воздухот. Овие уреди се обезбедени преку донација од Генералниот секретаријат на Владата на Република Македонија.
Според градоначалникот на општина Струмица, Петар Јанков, образовните установи добиле висококвалитетни прочистувачи кои користат Х14 ХЕПА филтри – филтри што задржуваат над 99.995% од вирусите, бактериите и другите микроорганизми. Со вакви перформанси, квалитетот на воздухот во просториите речиси се изедначува со услови какви што има во стерилни медицински простории.
Уредите располагаат и со префилтер со активен јаглен, кој значително ја намалува непријатната миризба, а воедно го редуцира присуството на озон, азотни оксиди (NO₂) и летливи органски соединенија (VOCs). Со капацитет од 2500 м³/час, прочистувачите овозможуваат петкратна размена на воздухот во просториите секој час – што директно влијае кон создавање поздрава и побезбедна средина за учениците и децата.
Градоначалникот Јанков денес лично ги посети дел од установите и се увери во ефектите од новите уреди. Тој нагласи дека здравјето и безбедноста на најмладите се врвен приоритет за општината.
„Со поставувањето на овие современи прочистувачи обезбедуваме чист и свеж воздух во училиштата и градинките, создавајќи подобри услови за здрав раст и развој на децата“, истакна градоначалникот.
























