Професорката м-р Зорица Витанова е именувана за нов директор на СОУ „Јане Сандански“, со што ја презема функцијата од досегашната директорка Невенка Стојанова, која во изминатите осум години успешно ја водеше оваа образовна установа.
М-р Зорица Витанова е наставник по англиски јазик со 22-годишно работно искуство во СОУ „Јане Сандански“. Таа е магистер по меѓународен бизнис со странски јазици и зад себе има богато учество во бројни домашни и меѓународни проекти, преку кои придонела за унапредување на наставниот процес и отворање нови можности за учениците и колегите.
Во своето обраќање по назначувањето, Витанова истакна дека ја доживува функцијата како голема чест, но и како сериозна одговорност да застане на чело на една од најзначајните образовни институции во општината. Таа нагласи дека ќе се стреми кон унапредување на квалитетот на наставата, модернизација на образовниот процес и создавање услови кои ќе ги подготват учениците за предизвиците на современото општество.
Досегашната директорка, Невенка Стојанова, на свечениот чин ја предаде функцијата со порака за континуитет и понатамошен развој на училиштето, потенцирајќи дека во изминатиот период е поставена здрава основа врз која новото раководство ќе може да надоградува со нови успеси и постигнувања.

























