Во Струмица официјално беше означен почетокот на меѓународната кампања „16 дена активизам против насилството врз жените и девојчињата“, која и годинава Општина Струмица ја спроведува во соработка со Здружението на граѓани „Скај Плус“.
Градоначалникот на општина Струмица, Петар Јанков, во своето обраќање истакна дека ниту една жена не смее да биде сама во борбата против насилството, ниту во својот дом, ниту во дигиталниот простор. Притоа нагласи дека кампањата е силна порака до целата заедница за заедничка, одговорна и солидарна реакција.
Општина Струмица и „Скај Плус“ во текот на кампањата, но и континуирано во текот на целата година, ќе работат на подигнување на јавната свест, охрабрување на граѓаните да реагираат на насилството, поддршка на жртвите и градење култура во која дигиталното насилство нема да остане премолчено.
Во знак на поддршка на кампањата и на жртвите на насилство, општинската зграда вечерва е осветлена во портокалова боја, како симбол на надеж, солидарност и заложба за општество без насилство врз жените и девојчињата.

























