Анализи за употребата на тутунот во Македониja покажуваат загрижувачки податоци – 40 проценти од младите до 18 години пушат, а децата веќе на 13 годишна возраст стартуваат со цигари.
На неодманешна конференција на „Аналитика“ беше објавено дека речиси половина од граѓаните во Македонија редовно пушат, што ја става земјата меѓу оние со највисоки стапки на континентот – 48,4%.
Според статистиките на Институтот за јавно здравје, 45,4% од граѓаните се активни пушачи. Тоа е значително повеќе од регионот за Европа кој изнесува 25 проценти.
Тутунот предизвикува повеќе од 5.000 смртни случаи и чини 5,6% од БДП годишно.
„Факт што нас не’ загрижува и нашите анализи што покажуваат е дека младите во Македонија покажуваат сериозна стапка на пушење. Она што можеме да го направиме и како тинк тенк и како цело општество е да реагираме соодветно“, рече Тамара Мијовиќ Спасова од „Аналитика“.
Дополнува, треба да се почитува законската регулатива и на младите под 18 години да не им се продаваат цигари.
„Штом толку мали ја почнуваат таа навика значи веќе многу е веројатно дека тие и во нивниот подоцнежен период ќе станат пушачи. Треба да работиме на превенција на овие лоши навики, а не пак да имаат претстава дека новите производи што се нудат на пазарот, како електронските цигари, се некоја ‘безбедна варијанта’ која нема да им пречи. А, според новите студии не се така безбедна варијанта на цигарите“, укажа Мијовиќ Спасова.
Говорејќи за мерките кои се спроведуваат на национално ниво како дел од превентивните политики, министерката за образование и наука Весна Јаневска издвои дека годинава со законски измени основните и средните училишта се задолжени покрај програми за заштита од насилство, злоупотреба и запуштање на ученици, спречување дискриминација, малолетничка деликвенција и слично, да спроведуваат и програми за превенција од злоупотреба на алкохол и тутун, злоупотреба на дроги и други психотропни супстанци.
„Во новата учебна година МОН и БРО заедно со Канцеларијата на Обединетите Нации за дрога и криминал и Меѓународната федерација Лајонс Клуб ќе обучат 50 стручни соработници и 150 наставници во 50 основни училишта за реализација на превентивната програма ‘Вештини за адолесценција’. Станува збор за структурирана програма, која е базирана на докази, за превенција од користење на цигари, дрога и алкохол и која досега со успех е имплементирана во 105 земји од целиот свет“, додаде министерката.
Заменичката шефица на мисијата на УНДП во Скопје, Ана Чернишева, нагласи дека инвестирањето во политики поддржани од Светската здравствена организација (СЗО) е ефикасно: секој денар вложен во контрола на пушењето може да врати 18 денари и да спаси животи.
Ако се гледаат бројките на СЗО, на светско ниво тутунот годишно убива над 7 милиони луѓе, од кои 1,6 милиони се од „пушење од втора рака“, т.е. непушачи. Потоа, како комерцијален и социјален хит, е алкохолот со кој се поврзуваат отприлика 2,6 милиони смртни случаи годишно, додека 0,6 милиони случаи се проценуваат на употребата на дроги.
ИЗВОР НА ИНФОРМАЦИЈАТА: RADIOMOF.MK
ОРИГИНАЛНАТА ВЕСТ МОЖЕ ДА ЈА ПОГЛЕДНЕТЕ СО КЛИКНУВАЊЕ НА СЛЕДНИОТ ЛИНК: https://www.radiomof.mk/prva-cigara-na-13-godini-pushat-nad-40-od-mladite-pokazhuvaat-analizite/?fbclid=IwZXh0bgNhZW0CMTAAYnJpZBExcm9yOXNJaXJ3aEYxT1pURgEeB7Gr92bk52ve6nSmtz2itmuiyahZMtWxQdqEMIUKz7gxLGuKN9PosvgK4gs_aem_brF3wE-IoU7019Ykc1mJKg#prettyPhoto






















