Струмица им оддаде голема почит на две живи легенди на ФК „Беласица“ – Милан Василев и Ристо Панов, фудбалери кои со својата долгогодишна посветеност и љубов кон клубот оставија длабок и траен белег во историјата на струмичкиот фудбал.
Василев, со одиграни 383 натпревари во текот на 14 сезони, и Панов, со 366 натпревари во рамките на 15 сезони, се вистински пример за тоа што значи верност, посветеност и спортски дух. Нивниот придонес кон клубот останува инспирација за младите генерации и јасен показател како треба да се носи дресот на Беласица – со чест, страст и љубов.
Во чест на нивната кариера, на вчерашниот настан струмичката публика ги поздрави со големи овации, изразувајќи благодарност за сè што направиле за клубот.
Од името на ФК „Беласица“, претседателот Славчо Васков – Пинда им додели плакети и врамен дрес со нивните имиња – симболичен потсетник на нивниот голем придонес и вечно место во историјата на клубот.