Уште една позитивна приказна за слогата, заедништвото и љубовта кон родното место доаѓа од струмичкото село Дабиле, каде што жителите со сопствен труд и голема посветеност продолжуваат да го уредуваат локалниот парк, кој полека го добива својот конечен изглед.
На 6 и 7 ноември беа организирани две нови работни акции, во кои учествуваа повеќе од 20 членови на Здружението и жители на Дабиле, а свој придонес дадоа и најмладите.
Во текот на акциите се работеше на подготовка и рамнење на теренот, поставување тампон и започнување со редење бекатон плочки на пешачките патеки. Беа подготвени и основите за поставување клупи, со што паркот добива сè поуреден и пофункционален изглед.
Посебна убавина на просторот му даваат новозасадените декоративни растенија. Засадени се 21 декоративно дрвце, од кои 11 елвуди и 10 евонимуси, како и две црвени сливи, две божиќни дрвца и магнолија висока 2,2 метри, која ќе претставува нов препознатлив симбол на паркот.
До целосното завршување преостанува да се доуредат пешачките патеки, да се постават клупите и кантите за отпадоци, да се посее трева и да се довршат останатите детали.
Она што ја прави оваа приказна посебна не е само новиот изглед на паркот, туку желбата на жителите сами да создадат поубаво место за дружење, одмор и детска игра.
Дабиле уште еднаш покажува дека кога постојат слога, иницијатива и заедничка цел, со многу труд и добра волја може да се создаде нешто вредно за целата заедница.




























