Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека САД ги завршиле нападите врз три нуклеарни постројки во Иран, вклучувајќи ги Фордоу, Натанц и Есфахан.
„Го завршивме нашиот многу успешен напад на три нуклеарни постројки во Иран, вклучувајќи ги Фордоу, Натанц и Есфахан. Сите авиони сега се надвор од иранскиот воздушен простор“, напиша тој на својата социјална мрежа доцна синоќа.
Тој, исто така напиша и дека ова е историски момент за Соединетите Американски Држави, Израел и целиот свет. Иран сега мора да се согласи да стави крај на оваа војна, додаде Трамп.
Дополнително се закани со дополнителни напади врз Иран доколку Техеран не се согласи на итен мир со Израел.
Во кус телефонски разговор за агенцијата Reuters, Трамп ги нарече американските напади врз иранските нуклеарни постројки „неверојатен успех“.
„Тие треба веднаш да се согласат на мир. Веднаш да престанат. Во спротивно, повторно ќе бидат погодени“, рече Трамп.