strumica denes logo

Во четврток најавено рушење на повеќе угостителски објекти во центарот на Струмица – Угостителите најавуваат протести и блокади против локалната власт!

Автор:

Датум:

мај 24, 2025

Автор:

Датум:

мај 24, 2025

Во четврток, на 29 мај, во центарот на Струмица е најавено рушење на повеќе угостителски објекти. Причината за оваа постапка, како што наведуваат општинските служби е непостапување по укажувањата дадени од страна на инспекциските служби и истечените рокови за доброволно отстранување на урбаната опрема.

ТЕКСТОТ ПРОДОЛЖУВА ПО РЕКЛАМИТЕ:
ПРОДОЛЖЕНИЕ:

Како што дознава „Струмица Денес“, отстранувањето ќе се врши рачно, со ангажирање на шест работници, користејќи рачен и хидрауличен алат (чекани и ножици), машини за сечење, електрична дупчалка, бушилка, генератор за струја, мини багер, како и камион за транспорт на градежен отпад. Акцијата ќе се спроведува во периодот од 9 до 15 часот.

Сопствениците на угостителските објекти реагираат бурно на најавеното рушење. За „Струмица Денес“ тие изјавија дека станува збор за „избрзана и непромислена одлука“ од страна на локалната власт и најавуваат протести и блокади во денот на извршувањето и наредните денови.

„Струмица е угостителски град. Поголемиот дел од буџетот на Општината го полниме токму ние. Со вакви потези се загрозува егзистенцијата на многу семејства“, истакнаа некои од угостителите.

Тие апелираат до локалната власт да размислат уште еднаш и да седнат на заедничка маса со претставниците од угостителскиот сектор и да се изнајде компромисно и прифатливо решение, пред да се пристапи кон рушење на објектите.