Во пресрет на претстојните Локални избори, Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Струмица започна со отворање на своите комитети, подготвени да работат во полн капацитет и со зголемена активност.
Од партијата информираат дека комитите се полни со посетители и веќе функционираат со редица активности насочени кон идентификување на проблемите во општината, како и креирање на решенија за подобар живот на граѓаните.
„Ги покануваме сите граѓани во периодот што следи да ни се приклучат. Вратата е отворена за секој што сака заедно да работиме за Струмица – да ги слушнеме вашите проблеми и да понудиме конкретни решенија“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ Струмица.
Во реакцијата се посочува дека Струмица веќе 20 години е под раководство на СДСМ, партија која, според ВМРО-ДПМНЕ, ја имала и локалната и централната власт во повеќе мандати, но не успеала да ги реши клучните предизвици со кои се соочува градот.
„Не го негираме трудот на оние кои чесно работеле, но реалноста е дека денес Струмица се наоѓа на листата на најзагадени градови во светот, со булевари и улици кои се поплавуваат, улици полни со кратери, импровизирани градби и слаба инфраструктура.“, стои во нивното соопштение.
Оттаму велат дека по две децении владеење, барањето нов мандат претставува „неконкурентност и дрскост“. Партијата верува дека граѓаните, кои веќе направија политички пресврт на државно ниво, се подготвени за промени и на локално ниво.
„На овие Локални избори, ВМРО-ДПМНЕ ја презема одговорноста да ја врати Струмица на граѓаните. Да биде Струмица повторно еднаква за сите“, порачуваат од Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ Струмица.