Премиерот Христијан Мицкоски предупредува дека цените на енергенсите во Европа се на алармантно високо ниво, дури трипати повисоки од минатата година. Сепак, тој уверува дека Владата ќе се обиде да спречи поскапување на електричната енергија и да го ограничи растот на цената на парното греење.
„Цената на гас е трипати поголема од минатогодишната цена за истиот период. Но и тука ќе се бориме да нема алармантно зголемување на цената, односно да биде во рамките на нешто што максимум, односно минимум може да се издржи. И со тоа ќе бидеме земја со убедливо најниски цени на дизел и безоловен бензин и на електрична енергија и затоплување во Европа“, нагласи тој.
Мицкоски истакна дека приоритет останува заштитата на животниот стандард на граѓаните и дека Македонија ќе продолжи да има едни од најниските цени на енергијата и горивата во Европа.
„Ние сигурно како Влада, односно АД „ЕСМ“ на јавниот повик на „ЕВН хоум“ ќе доставиме понуда која ќе биде со иста цена како минатата, значи нема да бара поскапување на цената. Што се однесува до државата, ние ќе се трудиме да останеме на нула, односно да нема поскапување“, истакна Мицкоски.
Тој додаде дека не може да зборува за приватните компании кои учествуваат во овој процес, бидејќи тоа е нивна автономна политика и не може да влијае врз нивните одлуки.
„Јас тука не можам да интервенирам, но она што зависи од државата, ние направивме еден таков модел, што изминативе денови го разработувавме со АД „ЕСМ“. Направивме еден бизнис план со кој нема да бараме покачување на цената на струјата, производот ќе биде по иста цена и на крајот од 2027 година ќе целиме на профит кој би го остварила оваа компанија“, изјави премиерот Мицкоски.























