Пратеникот во Собранието на Република Македонија од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, д-р Петар Марков, е назначен за претседател на новоформираната Централна комисија за координација со задграничните комитети на партијата.
Одлуката била донесена на синоќешната седница на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, на предлог на претседателот на партијата, Христијан Мицкоски, и генералниот секретар Драган Ковачки.
Станува збор за ново партиско тело чија главна задача ќе биде зајакнување на комуникацијата и соработката со македонската дијаспора, како и подобра координација на задграничните комитети со централното партиско раководство.
Според Марков, ова е првпат во историјата на ВМРО-ДПМНЕ да се формира посебна централна комисија посветена на задграничните комитети, со што се воспоставува директна организациска врска со Извршниот комитет.
Во своето обраќање, Марков изрази благодарност за укажаната доверба, нагласувајќи дека новата функција ја прифаќа со голема одговорност и посветеност.
Меѓу главните приоритети на новата комисија ќе бидат поврзувањето со македонските професионалци, научници и претприемачи во странство, поттикнувањето инвестиции, размената на знаења и создавањето нови можности за развој на Македонија.
Посебно внимание ќе биде насочено кон проблемите со кои се соочуваат македонските граѓани во странство, вклучително и конзуларните услуги, административните процедури, изучувањето на македонскиот јазик и можностите за враќање и инвестирање во татковината.
Марков најави дека ќе се залага за редовна комуникација со задграничните комитети, поголема организациска поврзаност и конкретни иницијативи преку кои искуството и потенцијалот на дијаспората ќе можат да придонесат за развојот на државата.
Тој истакна дека вистинската вредност на новоформираната комисија ќе се потврдува преку конкретни резултати, отчетност и континуирана соработка со Македонците ширум светот.























