Општина Струмица успешно ја реализираше овогодинешната акција за чистење на отпад под мотото „Генералка викенд“, насочена кон подигнување на еколошката свест кај младите генерации.
Акцијата се одвиваше во дворовите на неколку основни општински училишта во градот, каде активно се вклучија голем број ученици и наставници. Покрај собирањето отпад од училишните дворови и спортските игралишта, беа реализирани и низа едукативни и креативни активности преку кои се испратија силни еко пораки и апели за зачувување на животната средина.
Особено внимание беше посветено на правилното постапување со електронски отпад. Учениците и наставниците собраа значајна количина стар електронски материјал, кој беше депониран во специјализираните контејнери поставени во самите училишта, со што се избегна негово неправилно фрлање на несоодветни локации.
Преку оваа акција, општината уште еднаш покажа дека вложува во едукацијата и еко-свеста кај младите, со цел создавање одговорни граѓани и чиста животна средина за сите.