Се планира целосна реконструкција на регионалниот пат Валандово-Струмица. Се работи за пат којшто оди преку Валандовско Брдо. А имајќи предвид дека теренот е комплициран, ние утврдивме дека патот е оштетен. Тоа е магистрален пат којшто спојува две општини, Струмица со Валандово – изјави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски одговарајќи на новинарски прашања при посетата на Валандово.
– Имајќи предвид дека постојниот пат е во лоша состојба, екипи на Јавното претпријатие за државни патишта направија увид и ја снимија состојбата. Направивме проект и очекуваме во најскоро време да излезе повикот од Јавното претпријатие за државни патишта, со кој треба да се избере изведувач којшто ќе направи целосна реконструкција на овој пат. Значи планираме целосна реконструкција на патот којшто води од Струмица до Валандово – рече Николоски.
Во однос на тоа дали се планира нешто за патот до Дојран, тој посочи дека веќе е пуштен еден патен правец којшто оди од Богданци, од Понов мост до Гевгелија.
– И сега имаме планови да продолжиме кон Дојран, така што очекувам следната година и тоа да го работиме – истакна Николоски.





















