Советникот во Советот на општина Струмица од редовите на „Стига Е“, Ѓорги Танушев, преку објава на социјалните мрежи остро реагираше на случувањата поврзани со контролите и санкциите кои се спроведуваат врз дел од угостителските објекти во градот. Тој ја поздрави акцијата на надлежните инспекциски служби, наречена „Темел“, која се однесува на постапувањето против објекти што, како што вели, со години го игнорирале законот и прописите.
„Струмица мора да почитува закони – нередот не може да трае вечно“, истакна Танушев, додавајќи дека конечно е време да се воспостави ред и да се заштити јавниот интерес. Според него, не може да се дозволи поединци со години да градат и работат без дозволи, узурпирајќи јавен простор, додека останатите угостители и бизнисмени ги почитуваат сите законски обврски.
Танушев ја отфрли реториката дека спроведувањето на законот претставува закана за економијата и потенцираше дека легалното работење е единствениот исправен пат. „Тврдењата дека ‘стотици ќе останат без работа’ се манипулативни. Никој не ги спречува да работат – само треба да го почитуваат законот“, порача советникот.
Во својата објава, Танушев се осврна и на спорните договори, ниските цени за користење јавен простор, како и на објекти кои, според него, практично претвориле делови од јавниот простор во приватна сопственост. Тој додаде дека општината не смее да преговара со прекршителите, туку е должна да го спроведува законот, без исклучоци.
„Јавниот простор не е приватна сопственост. Ако рушењето е законско решение, тогаш тоа е законски неопходно“, напиша Танушев, истакнувајќи дека институциите мора да преземат одговорност и за досегашното непостапување.
На крајот од објавата, Танушев повика на транспарентност и најави дека сите документи поврзани со овие случаи ќе излезат на виделина. Тој предупреди дека секој обид за сокривање на информации или влијание врз институциите ќе биде третиран како кривично дело.
„Струмица мора да стане пример за правна држава. Рушење? Да. Санкции? Да. Конечно – правда“, заврши Танушев со пораката „Струмица може и мора!“.