Во Соединетите Американски Држави е забележан голем број на угинувања на медоносни пчели, кој се брои во милиони, а ентомолозите од Вашингтонскиот државен универзитет наведуваат дека американските пчелари оваа година би можеле да изгубат од 60 до 70 проценти од своите пчелни заедници.
Истражување на американските инспектори за пчеларски стопанства открило дека пчеларите минатата година изгубиле 55 проценти од своите заедници, што е највисоката стапка на смртност од кога започнале да водат евиденција во 2011 година, пренесува Индепендент.
„Тоа влијае на безбедноста на храната за сите нас. Пчелите опрашуваат овошје и зеленчук, а ние ги сакаме нашите овошја и зеленчуци. Го сакаме нашето кафе, кое го опрашуваат пчелите. Често ова го земаме здраво за готово“, изјави ентомологот д-р Јулијана Ранжел од Тексаскиот А&M универзитет за “Independent”.
Меѓутоа, најголемиот проблем е тоа што никој не знае зошто се случува ова.
Пестицидите, снабдувањето со храна и временските услови можат да играат важна улога.
Еден од тие фактори се и лошите резерва на храна за пчелите.
Промената на временските обрасци може да ги збуни пчелите, што доведува до тоа пребрзо или премногу доцна да ја напуштат кошницата и да бараат храна која всушност не е во цветот.
Научниците ги тестираат погодените колонии и на токсичност од пестициди, вели Ранжел, но за добивање на официјални резултати потребни се месеци.
Таа истакна дека многу комерцијални пчелари со кои разговарала не направиле ништо поинаку во последно време, што значи дека пчеларите и нивното управување со пчелите веројатно не се виновни за оваа ситуација.
Научниците нема да можат брзо да дојдат до одговор, особено со оглед на огромното намалување на буџетите и отпуштањата кои се случуваат во сојузната влада оваа година.
Ранжел вели дека распространетите резови на Доналд Трамп и Илон Маск во сојузните агенции „не можеле да дојдат во полош момент“, имајќи предвид дека лабораториите на Министерството за земјоделство често се одговорни за проучување на масовното умирање на пчелите.
Сепак, нема потреба од паника, бидејќи ако пчеларите имаат посебно лоша година со висока стапка на смртност на пчелите, обично можат да закрепнат следната, вели д-р Дејв Голсон, ентомолог од Универзитетот во Сасекс.
Но, ако смртните случаи, како тие забележани минатата година, продолжат неколку години, можеби ќе бидеме во проблеми, предупредуваат експертите.