Италија не признава возачка дозвола „Северна“. Таму Македонците се пред нов предизвик – можат да ја преведат старата возачка дозвола, но не и новата, јавува ТВ Сител.
Македонецот Дејан Кутаноски, кој година и пол живее во регионот Венето, од локалните власти добил предупредување дека има една година да најде возачка дозвола со Република Македонија, во спротивно нема да може да вози.
„Од септември 2024 година ќе бидам без возачка дозвола или ќе треба повторно да аплицирам, од почеток повторно да полагам, теорија, пракса, се. Возачка дозвола чини околу 1800-2000 евра“, вели Кутаноски.
Контактирал и со македонските и италијанските власти. Но, двете страни си ја подаваат топката една на друга.
„Прво се обративме до македонскиот конзулат во Венеција. Од таму ни рекоа дека се работи на проблемот, но за подобра информација јавете се во амбасадата во Рим. Од амбасадата во Рим ни рекоа дека се работи на проблемот и се очекува потпис од италијанската влада“, вели Кутаноски.
Но, италијанските власти имаат своја верзија. Им рекоа дека проблемот е во Скопје и дека МНР се уште не ги известило дека новите возачки дозволи се користат во Македонија.