strumica denes logo

Денес се празнува Светиот свештеномаченик Поликарп, епископ Смирнски

Автор:

Датум:

март 7, 2024

Автор:

Датум:

март 7, 2024

Овој голем апостолски маж се роди како незнабожец. Во верата Христова го воведе и го крсти светиот Јован Богослов. Во раното детство Поликарп остана сираче, а една благородна вдовица по име Калиста, според еден нејзин сон, го зеде, го израсна и го воспита како сопствен син. Поликарп беше благочестив и милосрден од детството. Се трудеше со животот да го подражава свети Вукол, тогашниот епископ во Смирна, а и Светите апостоли Јован и Павле, коишто ги познаваше и ги слушаше. Свети Вукол го ракоположи за презвитер, а пред смртта го покажа за свој наследник во Смирна. Апостолските епископи што се собраа на погребот на Вукол го хиротонисаа Поликарп за епископ. Поликарп имаше дар на чудотворство од самиот почеток. Така, во една прилика изгони демон од слугата на некој кнез, а другпат, со молитва го запре силниот пожар во Смирна. Гледајќи го ова мнозина незнабожци во Смирна го сметаа за еден од боговите. Низведуваше дожд сред сушно време, исцелуваше болести, пророкуваше и вршеше многу други работи. Пострада во времето на царот Марко Аврелиј. Три дена пред смртта, свети Поликарп прорече: „За три дена ќе бидам фрлен во оган заради Господ Исус Христос!“ Кога војниците го фатија третиот ден и го поведоа на суд, извика: „Нека биде волјата на Господа Бога мој!“ Кога судијата го советуваше да се одрече од Христа и да ги признае римските богови, Поликарп му рече: „Не можам да го менувам доброто за лошото!“ Евреите посебно го мразеа Поликарп и настојуваа да биде изгорен. Кога го врзаа и го положија на кладата, тој долго Му се молеше на Бога. Беше многу стар, белокос и светол како ангел. Сите луѓе видоа како пламенот го обвива, но не го допира. Исплашени од оваа појава, незнабожните судии му наредија на џелатот низ пламенот да го убие со копје. Кога беше прободен од него истече толку многу крв, што го изгасна сиот оган, а телото остана цело и недопрено од оган. Наговорен од Евреите, судијата нареди мртвото тело на Поликарп да се запали според елинскиот обичај. Така, нечестивите го запалија мртов оној когошто жив не можеа да го запалат. Светиот Поликарп пострада во 167 година, на Велика сабота.